Митровиќ Бабе: ВРЕМЕ Е ОХРИД ДА ПОБЕДИ !

Водењето на локална политика како склоп на државната политика претставува недвосмислено тежок и напати неразбирлив концепт за оние кои се занимаваат со т.н чаршиска политика. Разликата е во тоа што во чаршиската можеш да кажеш и да толкуваш што сакаш водени веројатно од сопствени емоции но, во онаа вистинската политика од локално или државно ниво таквиот вид на толкување е недозволив. И тука нема простор за манипулации туку само за факти. А пред фактите и боговите молчат!

Фактите во Охрид се дека ВМРО ДПМНЕ победи на изборите во Охрид и факт е дека СДСМ победи на национално ниво. 

Затоа најпрвин сакам да потсетам на една моја анализа во која најавив дека двоецот Константин Георгиевски – Лазе Танески од СДСМ Охрид ќе имаат пред себе големи и тешки политички битки но, дека успехот исто така ќе им биде загарантиран. И тоа се случи ако ја погледнеме вистинската политичка слика и ретроспектива. Георгиевски и Танески беа дел од победата на локално ниво за избор на градоначалник но и дел од победата на парламентарните избори со 46 пратеници според официјалните бројки на ДИК, без разлика на резултатот на локално ниво со оглед дека можеби тој резултат беше и очекуван но и подобен. Но несомнено тука во градската СДСМ голема улога игра и Ѓоко Танасоски кој како човек и градска личност важи за еден од најпочитуваните. Сепак пред СДСМ во претстојниот период ќе има неколку предизвици на локално ниво. На локално ниво од како Танески стана пратеник и партијата доживеа пораз во Охрид, сигурно ќе има избор за локален партиски челник што ќе игра круцијална улога во понатамошниот тек на настаните во оваа политичка партија, но тоа ќе донесе и други промени бидејќи резултатот, поточно поразот најверојатно ќе донесе кадровска промена на повеќето од првите луѓе на охридскиот огранок.

Од друга страна за ВМРО ДПМНЕ исто така пред година дена укажав во една анализа дека партијата треба да напише фигуративно „Никогаш повеќе“ после катастрофалниот пораз на локалните избори. Но навистина како да се сфати поентата од поразот на локалните избори па ВМРО ДПМНЕ предводена од членот на Извршниот комитет од Охрид Др. Кирил Пецаков како и претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид Сашо Донев ги консолидира своите редови и започнаа кампања која е најуспешна и најмногу делува, а тоа е меѓу народот. И токму тоа придонесе иако највеќе верувам на грб на политичкото милје на Кирил Пецаков кој како виден охриѓанец со фамилијарно вмровско педигре, но и непосреден човек успеаа да ја донесат победата на локално ниво. Иако ова се парламентарни избори сепак за нив беше доста значајно да се добие позитивен резултат.

Резултатот кој го оствари ВМРО ДПМНЕ во Охрид е голем, ако се има предвид и состојбата во која партијата беше оставена во 2017 година. Тогаш при смената на власта како да се преслика состојбата во која беше оставен СДСМ во Охрид во 2013 година. Со заминување од функции и власт сите ја заборавија партијата, свртеа грб, за некои од нив сега се открива и дека им забивале ножови во грб, тие кои најмногу добија не дадоа ни еден денар помош и целиот товар го понесоа Сашо Донев и Кирил Пецаков , а бидејќи како што кажав погоре пред фактите и боговите молчат,  тука мора да се биде реален и тоа едноставно мора да се признае дека двоецот Пецаков – Донев победија во Охрид и покрај се низ што поминаа од 2017 до денес.

Токму во еден таков политички подем на локално ниво во ВМРО ДПМНЕ не би требало да постои идејата за смена на челниците во локално ниво туку напротив да им се дозволи континуитет во самата работа. За национално ниво легитимно е да се има поинаква размисла и да се отвори прашањето за големо реформирање на ВМРО ДПМНЕ кое мора да се адаптира на 2020 година во кадровска, филозофска па ако сакате и идеолошка смисла.

Но она што е значајно во овој период ?
Во ситуација кога и едните и другите можат да бидат задоволни конечно на ред доаѓа и градот Охрид да победи на избори. Зарем не?

Close