Пецаков: Во Собранието на Македонија се обврзувам да бидам претставник на сите граѓани, совеста и чесноста

Кирил Пецаков, дипломиран стоматолог, а за кратко време и до специјализација. Вработен во Здравствен дом во итната стоматолошка служба. Среќно оженет со Д-р  Билјана Пецакова, специјалист орален хирург. Едно малолетно дете Стефан. Главното хоби ми е спортот. Слободното време и времето за приватен живот поради кампањата е ограничено и сведено на минимум, меѓутоа секој слободен момент го поминувам со најблиското семејство и со луѓето кои ме прават среќен. Исто така во слободното време уживам да читам книги.

Охрид 1: Како ја оценувате досегашната кампања на политичките партии?

Кирил Пецаков: Уште од самиот старт на кампањата од Охрид во средбите со граѓаните се чувствува позитивна и победничка енергија и како се буди оној пиреј во секој еден наш сограѓанин. Мојата заложба и на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија е пристојно однесување како и фер, позитивана и достоинствена кампања.

Охрид 1: Ветувате обнова на земјава, но и промени кои ќе ја направат Македонија онаква кaква што сакаме да ја имаме. На што е насочен главниот фокус на вашата програма?

Кирил Пецаков: Секоја генерација си има своја борба, а нашите предци ни оставија аманет кој ние како генерација доследно треба да го продолжиме и пренесеме на идните генерации. Обновата е нашата визија за промена на тешката реалност во која живее секој граѓанин. Обнова која ќе донесе повеќе за секого и промени кои ќе ја направат Македонија онаква кaква што сакаме да ја имаме. Главен фокус ќе бидат економијата и здравството. ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните се обврзува на зголемување на економскиот раст и раст на вработеноста, пораст на животниот стандард на граѓаните, подобар и поквалитетен живот за секого. Со посветена работа и реализација на голем број проекти нашите цели ќе бидат зголемување на платите за 25% во период од четири години; Намалување на стапката на невработеност под 10%; Домашни и странски инвестиции во износ од 4 милијарди евра за период од 4 години; и Раст на БДП од 4-5% годишно. Пензиите ќе растат дополнително, при што за еден мандат просечната пензија ќе достигне раст од 20%.

 Охрид 1: Може ли да наброите дел од проектите кои веднаш би ги реализирале, доколку ја добиете довербата на граѓаните?

Кирил Пецаков: Прв проект кој ќе го реализираме е три денари акциза што ги донесе оваа власт, веднаш ќе ги пренамениме во спортски денар, еден дена за образование и денар за култура. Потоа веднаш ќе го укинеме прогресивниот данок и ќе го воведеме рамниот данок Охрид е застапен со капитални проекти во програмата Обнова. Тука најпрвин би ги издвоил Нова детска градинка и нов театар. Понатаму изградба на Магистрален гасовод Битола – Ресен – Охрид – Струга. Завршување со изградба на автопатот Кичево – Охрид. Реконструкција, санација и доизградба на Градското пристаниште и пристаништето во Св. Наум. Набавка на специјален пловен објект за превенција и интервенирање при итни служби во медицинска, противпожарна, спасувачка цел по Охридското крајбрежје.  Изградба на нова 400/110 kV трансформаторска станица во Охрид. Центар за обука и континуирано надградување на знаењето на припадниците на безбедносните структури.

Охрид 1: Охрид е туристички град. Што предлагате за развој на оваа туристичка гранка?

Кирил Пецаков: Охрид и Македонија повторно ќе бидат во фокусот на вниманието домашните, регионалните и туристите од целиот свет. Туризмот останува приоритет на новата Влада на ВМРО ДПМНЕ. Петте постулати на кои се заснова обновата се институционалната рамка, развојната рамка, развојот на човечки ресурси, маркетингот и промоцијата и новите форми на туризам.

Поддршката за граѓаните сметам дека треба да биде многу посеопфатна кога речиси сите граѓани во Македонија се економски и финансиски погодени од кризата. За таа цел се обврзуваме на обезбедување дополнителна еднократна парична помош во висина од 100 евра за сите вработени лица во државата чии примања не надминуваат 15.000 денари. Обезбедување еднократна парична помош во висина од 150 евра за сите невработени лица кои не добиле помош со мерката за национални платежни картички.Обезбедување еднократна парична помош во висина од 200 евра за сите лица кои ги изгубиле своите работни места поради кризата. Со овие мерки вистински ќе им помогнеме на нашите граѓани, но истовремено ќе им помогнеме на домашното стопанство и на туризмот. Поддршка за компаниите од секторот туризам и угостителство ќе оди преку намалување на ДДВ од 18% на 10% за услугите за послужување на храна и пијалаци во сите угостителски објекти до крајот на 2021 година. Ослободување или намалување на надоместокот за лиценци, дополнителни такси или дозволи во угостителството, како лиценци за ноќни клубови, дискотеки, кабареа итн. до крајот на 2020 година. Субвенционирање на автобуски превоз во текот на целата летна сезона од Р. Србија и Р. Бугарија до Охрид. Охридското Езеро како природно богатство мора да го земеме со сериозно и максимално ќе се посветиме и во делот на заштита и во делот на надградување на екосистемот.

Охрид 1: Светот , но и Македонија се борат со КОВИД 19. Како ја оценувате досегашната заложба на министертвото за справување со пандемијата, и што вие предлагате за во иднина?

Кирил Пецаков: Заштитата на здравјето на граѓаните е прв и најважен приоритет за ВМРО-ДПМНЕ. За таа цел, ќе пристапиме систематски во борбата со коронавирусот во насока на целосно изолирање и спречување на понатамошно ширење. Зајакнување на капацитетите на јавното здравство, зајакнување на инфективните одделенија во земјата и интегрирање и функционално реорганизирање на клиничките болници во земјата. Нов концепт за справување со КОВИД-19 преку нова методологија за тестирање и вклучување на младите лекари и специјализанти. Сите здравствени работници вклучени во борбата со КОВИД-19 во октомври ќе добијат дополнителни 50% од својот личен доход како мотив да продолжат со борбата против опасниот вирус. Сите вработени во Министерството за внатрешни работи, како награда за својот труд, во октомври 2020 година ќе добијат 20.000 денари нето средства за напорите што ги прават за спроведување на мерките за справување со КОВИД-19.

Охрид 1: За жал од Македонија секојдневно се иселуваат младите. Дали вие сте размислувале, или размислувате да ја градите вашата кариера надвор од земјава?

Кирил Пецаков: Никогаш не сум помислил на напуштање на нашата држава и градење на професионална кариера надвор од Македонија. Планирам тука да останам и тука и професионално да се реализирам и надоградувам.

Охрид 1: Во кампања од сите слушаме многу ветувања, но за жал потоа граѓаните се разочаруваат. дали сте подготвени да реализирате се што ветувате овој период?

Кирил Пецаков: Во Собранието на Република Македонија се обврзувам да бидам преставник на сите граѓани, совеста и чесноста.  Секогаш да се водам од одговорноста и трудољубивоста. Транспарентноста и отчетноста секогаш моја водилка. Тоа што сме го ветиле пред граѓаните треба да го оствариме затоа што ние сме луѓе коишто делата се нашите показатели.Време е народот да ја земе судбината во свои раце, да го искаже својот револт за ненародното и непринципиелното владеење на СДСМ во изминативе три и пол години и масовно да излезе на гласање за нашата земја да чекори напред за подобра иднина на сите. Ова е последната шанса за спас на Македонија и заедно сплотени и обединети до конечна победа на ВМРО-ДПМНЕ.

На 15 јули гордо и достоинствено да излеземе и да го заокружиме бројот 14!

 

Close