Спасовски: Секое гласање за ДУИ е глас за ВМРО-ДПМНЕ

Изборите на 15 јули се референдумски важни, бидејќи гласаме за Сигурност и избираме да продолжиме по правиот пат. Спротивната опција на овој пат е Опасност од обновен режим и тоа никој од нас не сака ни да помисли што ќе значи: нови политички дестабилизации, делби, конфликти дома, кавги со соседите и со светот, нова изолација на државата, нула пари за граѓаните и државата и повторно трауми и милиони преку вашиот грб во истурени раце на Мицкоски и носителите на листи на ВМРО-ДПМНЕ, рече Оливер Спасовски, потпретседател на СДСМ и носител во ИЕ 2 во изјава за медиумите.

-Ние постигнавме социјална сигурност, економска сигурност, безбедносна сигурност. Денес нашата држава е членка на најголемиот безбедносен и политички сојуз НАТО. И е на чекор до отворање на преговорите со ЕУ, што веднаш откако тоа ќе се случи ќе значи европски пари за државата – за европски стандарди дома, во нашата земја. Ова се избори коишто бараат од нас да ја покажеме нашата одговорност – колку сме подготвени да ги направиме разликите помеѓу постигнувањата во изминатите 3 години, со 11-годишното тонење на државата и да застанеме во одбрана на тие постигнувања- рече Спасовски.

Секое останување дома, истакна Спасовски, е глас за обнова на режимот. Секое гласање за ДУИ е глас за ВМРО-ДПМНЕ. Секое излегување на гласање и избор на бројот 3 е избор на сигурна иднина. Се грижиме за сите. Ве чуваме на сигурно. Дајте ни шанса, останете на сигурно. Број 3, за сигурност и спокој, наместо обновен режим и неспокој. Ајде повторно на 15 јули. За сигурност.

Close