Шекеринска од Охрид: Владата градеше и гради по план, вложувањето во инфраструктурата е влог во квалитетен живот на граѓаните

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска имаше работна посета на Охрид, при која посети повеќе точки каде што во соработка со локалната самоуправа на Град Охрид се реализираат серија на инфраструктурни проекти кои се веќе реализирани или се во финална фаза на реализација.

При посетата Шекеринска даде изјава за медиуми која интегрално ви ја пренесуваме:

„Во Охрид можам да видам една огромна изградбена експанзија која што ги опфаќа најважните патни правци, најважните улици, најважните инфраструктурни проекти за огромен број на граѓани на Охрид и тоа покажува дека многу е важно централната и локалната власт добро да соработуваат, да соработуваат за потребите на граѓаните, но и второ, важно е да инвестираме инфраструктурни проекти, важно е да ги знаеме приоритетите и да градиме навистина по план.

Во Охрид се гради по план и во Охрид навистина се решаваат проблеми кои со децении биле одлагани. Денеска сме тука на местото каде што започнува и веќе трае сериозната реконструкција на улицата Абаз Емин. Проект кој е ветуван многу години, проект кој не е направен повеќе од 40 години и денеска целосно се реконструира со средства на Општината и средства на ЕБРД коишто се обезбедени преку Владата.

Тоа е проект од околу 45 милиони денари кои, како велат, значи реконструкција после 40 години. Затоа денеска навистина ми е задоволство да бидам тука и да видам како локалната самоуправа, како и буџетот работи во полза на граѓаните. Денеска ќе имаме прилика да видиме 4 инфраструктурни објекти, 4 инфраструктурни проекти коишто се градат во Охрид и коишто ќе значат подобар квалитет на живот и навистина градење по план.

Сакам да честитам и на Општината која после долги години зборување, последнава година навистина стори многу за поврзување на граѓаните на Охрид, меѓутоа и за развој на туристичкиот потенцијал на Охрид. Ќе заминеме и во Прва македонска ударна бригада, Охридска бригада, улиците коишто се градат на територија на поранешна касарна. Навистина една градежна експанзија која што е реализирана со пари на Општината Охрид, но и со пари од владиниот Буџет“.

Close