Мицкоски: Нема да има привилегирани политичари, обновата значи и еднаквост спрема законот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес заедно со носителот на изборна единица 6, Дафина Стојаноска го посетија населеното место Јегуновце и остварија средба со жителите. Од таму Мицкоски порача дека за две седмици обновата на Република Македонија ќе започне. На 15-ти јули ќе ги стаса казната од народот СДСМ и Зоран Заев.

„Изминативе 30 месеци поминав 100-тици илјади километри низ нашата мала но достоинствена, горда татковина. Разговарав со илјадници сограѓани, учев од нив за маката, за тешкиот живот, а тоа се гледа и во нивните очи. Не треба многу човек да е аналитичен, само е доволно да го погледа човека во очи и тогаш во таа длабочина на човечкиот поглед можете се да видите. Може да го видите тешкиот живот но и разочараноста од политичките елити. Велат вие ќе дојдете, ќе заминете, но пак се ќе остане исто, што ќе се менува за нас. Многумина доаѓаа, ветуваа , но за жал ништо не исполнија, или многу малку испорачаа. И токму тоа е велам нашата мотивација за да се фатиме за оваа работа“, појасни Мицкоски.

Мицкоски додаде дека дојде моментот кога треба да се бори, да се бори за подобро утро за идните генерации за да останат во преубавата Македонија.

„Заврши времето кога политичарите ќе бидат привилегирани. Заврши времето кога политичарите ќе бидат привилегирана каста и нивните семејства. Политичарот треба да биде тука долу со народот и тоа ќе биде првата лекција која што идните народни избраници од Коалицијата „За обнова на Македонија“ ќе ја добијат на 16-ти јули, заедно со читанката наречена „Проект – Обнова“. Тоа ќе биде првата лекција која што ќе мораат да ја знаат. Нема веќе канцелариски политичари, туку заедно со народот ќе бидат за да учат, а тоа што ќе го научат од народот ќе треба да го спроведат“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека секој оној кој што ќе биде дел о Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кој што ќе има некаква задача, кој што ќе треба да одработи нешто за народот ќе треба да ја знае првата лекција од „Проект – Обнова“. Политичарите треба да се жртвуваат за сопствениот народ. Политичарите треба да го водат народот, а не да се кријат позади него.

„Програмата многу внимателно ја создававме, збор по збор, реченица по  реченица, пасус по пасус и тоа со часови, денови и ноќи, заедно со партиските комисии, заедно со многу експерти кои што не се партиски определени кои што се од земјава и кои што се од странство. Заедно со вас претпоставувам ќе се сетите за оние разговори за Македонија, кога заедно со вас ги пишувавме овие 360 страни наречен „Проект – Обнова“. И за секого има по нешто. И на него се обврзуваме на многу работи. Се обврзуваме на најмалку 25%повисоки просечни плати во еден мандат. Се обврзуваме на најмалку 20% повисоки пензии во еден мандат за пензионерите и враќање на старото законско решение. Се обврзуваме на најмалку  1000 километри реконструирани патни правци локални и регионални. Се обврзуваме за младите најмалку еден Универзитет кој што ќе биде на Шангајската листа меѓу првите 1000. Се обврзуваме на реновирани студентски домови, на еден студентски град. А, за земјоделците најмалку 640 милиони евра субвенции и загарантиран откуп во еден мандат“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски за крај од средбата на граѓаните од Јегуновце вети по победата на ВМРО-ДПМНЕ  ќе започне обновата на Македонија. Македонија по 15-ти јули ќе стане подобро место за живеење.

Close