Поради корона вирусот откажан шестиот ракометен камп „Кирил Лазаров“ кој се одржува во Охрид

Шестиот интернационален ракометен камп „Кирил Лазаров 7″ кој требаше да се одржи оваа година од 19 јуни до 1 јули се откажува. Причината е една и единствена, пандемијата предизвикана од вирусот Ковид -19.

КМГ Спорт агенција како организатор се надеваше дека состојбата ќе се смири до стартот на кампот, но  подобрување нема.

„Императив секогаш е здравјето на децата. Почитувајќи ги препораките на надлежните кои забрануваат групирање на повеќе од две лица, одржувањето на кампот е невозможно. Секојдневно ја следевме ситуацијата и очекувавме смирување на истата, бевме подготвени и за поместување на датумот за месец јули… Но, за жал бројките го покажуваат спротивното, ризикот во оваа ситуација е недозволив. Знам што значи присуството за децата на кампот, со какво нетрпение го чекаат и секоја година му се радуваат. Ги поздравувам и се надевам дека следната 2021 ќе може повторно да бидеме сите заедно во името на ракометот”, вели капитенот Лазаров кој е идеен творец на кампот и во изминативе години континуирано беше со децата.

Оваа година беа пријавени над 400 деца од 14 земји на возраст од 7 до 18 години. Досега на кампот учествуваа преку 1500 деца, а лани го одбележавме пет годишниот јубилеј. На сите деца им посакуваме убав летен распуст и се гледаме следната година во Охрид, соопштија организаторите.

Close