Проф. Снежана Костадиноска – Милошеска: Најбројните (микро компаниите) и најпогодените не се таргетирани соодветно и со овие Владини кусорочни мерки, а во нестабилен деловен амбиент, тешко дека брзо ќе се опорават

Најбројните и најпогодените микро, мали и средни компаниите не се таргетирани соодветно со економските мерки на Владата, а во нестабилен деловен амбиент, тешко дека брзо ќе се опорават и дека ќе го задржат бројот на вработените, вели универзитетската професорка Снежана Костадиноска – Милошеска, која е дел од движењето „Македонскиот концепт“ во интервју за Економист.мк. Со неа разговараме и за тоа кои се најголемите предизвици за економијата, на кои сектори треба да се стави фокусот за брз економски развој, како и за економската програма на „Македонски концепт“, објави economist.mk


Владата донесе три пакети на економски мерки, дали тие се скроени според потребите на реалниот сектор односно според потребите на оние кои се најпогодени од кризата и дали ќе придонесат за брзо опоравување и намалување на отпуштањето од работа?

Економските мерки требаше да бидат насочени кон микро, малите и средните претпријатија, за кои општо е прифатено стојалиштето дека се најпогодени од пандемијата КОВИД-19, а најзначајни за економиите во Европската Унија и особено кај нас. Такви, според последното соопштение на Државниот завод за статистика се 99,7% од активните деловни субјекти (од кои 80, 7 % се микро компании, со 1-9 вработени, 10% од деловните субјекти немаат вработени или немаат утврдено број на вработени) а само 0,3% се големи компании.

Освен тоа, мерките требаше да бидат наменети кон најпогодените сектори. Тоа значеше дека треба да бидат првенствено и посилно помагани секторите на кои им беше директно забрането да вршат дејност заради потребата од социјално дистанцирање, како што се угостителството, транспортот, дел од малопродажбата, услужниот сектор, преработувачката индустрија на трајни добра, а потоа дејностите погодени индиректно од кризата. Според последниот Месечен статистички извештај на ДЗС, од април 2020, најпогодени дејности во вториот квартал од 2020 година се туризмот (речиси преполовен), градежништвото со пад од околу 40% и угостителството со пад од околу 30 %.

Од погоре презентираните податоци произлегува заклучокот дека најбројните (микро компаниите) и најпогодените не се таргетирани соодветно и со овие кусорочни мерки, а во нестабилен деловен амбиент, тешко дека брзо ќе се опорават и дека ќе го задржат бројот на вработените, вели вели универзитетската професорка Снежана Костадиноска – Милошеска за economist.mk .

„Македонски концепт“ ќе учествува на претстојните парламентарни избори кои станува се поизвесно дека ќе се случат многу брзо. Кои се економските политики за кои ќе се залагате во вашата изборна програма и што мислите за идејата акцент во развојот на економијата да се стави на индустријализацијата?

Ние сметаме дека економските политики на среден и долг рок треба да бидат одржливи за да ја издигнат економијата и благосостојбата во државата. За тоа, првенствено е потребна стабилизација на државата, што ќе значи и предвидливост за носење на деловни одлуки и инвестиции, а потоа да се спроведат вистински и темелни реформи во државата и економијата со ангажман на сето врвно знаење. На Македонија и е потребна економија на чисто пазарна основа и мала и ефикасна државна управа. За тоа да се постигне потребна е целосна либерализација и дерегулација на економијата и на финансискиот пазар, реформи во јавните сервиси, намалување на сивата/црната економија, корупцијата и слично и соодветен третман и поддршка за микро и малите компании (финансиска помош, даночни ослободувања до 3 или 5 години, менторства и слично).

На Македонија не и потребна реиндустријализација, рестартирање на стари, веќе приватизирани индустриски капацитети и истурање на обилна финансиска поддршка, зошто тоа не е светски тренд, не барем во Европа и не е во интерес на најголемиот број македонски граѓани. Македонија мора да остане чиста и здрава средина од која солидно ќе живеат нејзините граѓани, користејќи ги рационално нејзините природни ресурси, а политиките ќе го помагаат земјоделството, туризмот и информатиката како создавачи на доходот, истакна професорката.

Добро ги познавате јавните финансии но и начинот на функционирање на Министерството за финансии бидејќи бевте државен секретар. Дали Министерството за финансии ја игра вистинската улога во справувањето со актуелната криза?

Жалосно е што во последните неколку години со прекумерното трошење за непродуктивни намени се создаде висок јавен долг, без да се поттикне позначајно растот и што не се остави фискален простор за непредвидени ситуации. Оттука, Министерството за финансии се најде во многу тесна позиција, која ќе се премостува со нови големи и скапи задолжувања, кои повторно ќе лечат само површни рани. Министерката за финансии  треба да работи за јавниот интерес, кој во оваа криза е стабилизација на економијата со правична алокација на расположивите ресурси и сочувавање на стандардот на граѓаните, истакна Костадиноска – Милошеска .

Итервјутово целост со професорка Снежана Костадиноска – Милошеска може да го прочитате на овој линк.

Close