Марија Спасовски: Потребно е одговорно владеење, транспарентност и почитување на демократските принципи, еднакви можности за сите, нулта толеранција за корупција

Интервју со Марија Спасовски, кандидат на листа на пратеници за ИЕ 2

Марија Спасовски е родена и израсната во Скопје. Магистер е по Менаџмент на човечки ресурси во општествени дејности при Филозофскиот факултет во Скопје. Веќе 7 години работи како HR професионалец што ја прави добар познавач на состојбите на пазарот на труд и новите трендови во управување со човечки капитал.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Марија Спасовски: Доволно видовме и слушнавме од политичките партии кои до сега раководеа со државата, веќе подолго време потребна е нова, свежа опција која ќе направи разлика а која не е класична политичка партија. Идејата за НОРМАЛНА држава е мостот што ме поврза со оваа Македонски Концепт и ме поттикна да дадам и личен придонес во нејзино реализирање.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Марија Спасовски: Да ова е мој прв политички ангажман.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Марија Спасовски: Одговорно владеење, транспарентност и почитување на демократските принципи, еднакви можности за сите, нулта толеранција за корупција

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Марија Спасовски : Дефинитивно прво реорганизација и дигитализација на државните служби. Се уште сме заглавени во застарен систем на функиоцнирање и кога треба да се оствари некое право или заврши некоја обврска се губи премногу време и ресурси одејќи од шалтер на шалтер или од една во друга институција. Ќе ви дадам и пример од секојдневието со кој и јас лично сум се соочила. По склучување на брак, најпрво промената на презиме се пријавува во МВР за да се сменат и личните документи. Кога нашите институции би биле дигитално поврзани, веднаш штом се направи промената во системот на МВР истата би важела и во останатите институции, што денес во времето во кое живееме не е случај, па треба посебно да се оди на пример во Фондот за Здравство, да се достави посебен образец во УЈП итн.

Темелни реформи на образовниот процес – децата ни живета во време во кое промената е константа.Постојано има развој на технологии, а образованието и содржините што ги нуди се застарени. Ако сакаме образована, конкурентна малдина која ќе остане во државата мора да се направи ревизија на образовните програми, да се воведат нови модели на учење, да се следат потребите на бизнис заедницата при креирање на програмите, да се има визија каква ќе биде побарувачката на пазарот на труд во иднина па образовните програми да се адаптираат спрема тоа.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Марија Спасовски: Тоа што Македонски Концепт е граѓанска платформа која нуди отворен пристап и еднакви можност за секој кој сака да се вклучи и да даде личен придонес кон подобрување на општествените прилики. Македонски Концепт за кратко време успеа да обедини лица со интегритет, професионалци во различни сфери кои искрено се залагаат за подобрување на состојбите во државата. Тука можам отворено да дискутирам и да бидам слушната, секоја идеја или заложба се цени, различностите се добредојдени.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Марија Спасовски Активно ќе учествувам во реализирање на проектите кои ми се блиски и каде можам да дадам придонес ставајќи го на располагање моето стручно познавање во дадена област и искуството стекнато во реалниот сектор од кој доаѓам.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Марија Спасовски : Како што напоменав погоре дефинитивно ќе се залагам за реорагнизација и дигитализација на државните служби. Можеби затоа што во досегашното работење најмногу сум имала проблем со спори, неажурни институции.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Марија Спасовски : Проектите ни даваат детална рамка за реализација на однапред поставена цел. Во проектите е јасно дефиниран временскиот период потребен за планирање, подготовка и реализација значи проектот секогаш има почетен и краен датум, во проектите има планирање на активности и проценка на трошоци,а не како досегашните програми со кои се фалеа партииите најчесто пред избори па по освојување на власта имавме нула реализација.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Марија Спасовски : За 5 години од сега Македонија го има изодено поголемиот дел од патот да стане полноравна членка на ЕУ, има спроведено темелни реформи во повеќе општествени сфери кои почнуваат да даваат резултати, ослободена е од досегашниот партиски mindset за тоа како треба да се раководи со државата … Односно за 5 години од сега ќе имаме “ЖИВА МАКЕДОНИЈА” во која граѓаните се задоволни и среќни со значително подобрен квалитет на живот.

фото:Македонски концепт

Close