Младен Спасков: Време е за почеток на суштински реформи во начинот и процесите неопходни за нормално управување со државата

Интервју со Младен Спасков, кандидат за листа на пратеници за ИЕ 4

Младен Спасков е Дипломиран Офицер од родот пешадија на Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски – Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Од 2006 година, па сѐ до денес, професионално работи на позицијата Командир на судската полиција во Прилеп.

Покрај формалното, се стекнува и со дополнително образование во склоп на неговите професионални капацитети, од што издвојува: успешно завршената обука за командири на водови при Министерство за Одбрана на АРМ и успешно завршена обука и стекнат сертификат за „Обука за обучувачи за континуирана обука“ во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК концепт?

Младен Спасков: Станува збор за заеднички размислувања, ставови, визија, кои одат кон аспектите на подобрувањето во функционирањето и организирањето на нашата Држава.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Младен Спасков: Да. Не сум бил досега член ниту активист на било која партија.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Младен Спасков: За подобра иднина пресудно е пред сѐ, на клучните позиции да се постават луѓе кои на прво место ќе го стават народот и граѓаните, а не личните и партиските интереси, со што би се направиле такви чекори и спровеле суштествени мерки кои би придонеле секој граѓанин да биде задоволен од самата Држава. На тој начин и помладите генерации ќе размислуваат да си ја бараат својата шанса и иднина тука, и да останат во Државата.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Младен Спасков: Според мене за една држава да стои на здрави нозе, сметам дека треба да се преземат неколку клучни промени во општеството. Приоритет мора да се стави на реформите во Образовниот систем, економските реформи, подобрувањето на квалитетот на услугите во здравството, и секако, почеток на суштински реформи во начинот и процесите неопходни за нормално управување со државата.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Младен Спасков: Македонски концепт во моментов нуди политичка платформа, каде секој граѓанин  има право да си го каже своето мислење, став, и за истото да не биде погрешно разбран. Од друга страна, оваа платформа нуди и  почива на професионалност и стручно искуство во различни области на општествено политичкиот живот. Тој пристап е суштествено различен од досегашната политичка понуда, ако така и може да се нарече.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Младен Спасков: Со сето мое знаење и стручност би помогнал во реализација и спроведување на реформите насочени кон подобрување на безбедноста во државата.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Младен Спасков: За воспоставување на нормална Држава, каде сите проблеми би се решиле на база на демократија, искреност, решителност. За изнаоѓање на вистински и конкретни мерки насочени кон решение на конкретни проблеми и спроведување на суштински промени, неопходни за нормално функционирање на системот.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Младен Спасков: Преку проектите може полесно да се реализираат конкретни процеси или реформи и на тој начин лесно и транспарентно да се реализираат повеќе решенија за подобра  иднина на нашите граѓани.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

Младен Спасков: Економски постабилна и перспективна за младите луѓе. Доведување на корупцијатата до степен на нејзино искоренување, и секако, дел NATO I EU.

фото: Македонски концепт

Close