„Корона криза“ – на охридскиот туризам му се заканува финансиска катастрофа

Туристичкиот сектор во Охрид по ескалацијата на пандемијата со „Ковид 19“ е во целосен застој. Туристичките агенции практично нема што да работат, додека хотелите стојат празни. Затворени се сите угостителски објекти, а промет немаат ни останатите услужни дејности кои остваруваат приходи од туристите кои го посетуваа Охрид. По една седмица со затвборени објекти и агенции кои не работат Охрид се најде во ситуација да мора да се отвори поширока дебата за тоа како државата да вбризга пари во туристичкиот сектор за да се спаси од целосн крах локалната економија во градот.

Неизвеснта кога ќе заврши кризата само ја зголемува агонијата во која се најдоа туризмот и угостителството кои практично се пред колапс, но и сите останати терцијални дејности кои сега почнуваат да паѓаат во колапс како последица на колапсот на туризмот.

Владата излезе со сет мерки кои треба да резултираат со ублажување на последиците од кризата во државата, а Локалната самоуправа денес изгласа сопствен сет мерки кои треба да ја олеснат состојбата пред се на туристичкиот и угостителскиот сектор.

Охридските туристички работници велат дека секоја мерка која ќе им ја олесни положбата во која воопшто не работат е добредојдена, но дека ситуацијата е повеќе од тешка и дека мора да се разговара за можностите да се прошират мерките.

„ Во услови кога ние имаме приходи еднакви на нула, нема даночно олеснување кое ќе ни помогне, бидејќи приходот ни е нула, па и самиот данок кој ќе го платиме е еднаков на нула. Значи ние агенциите, а со нас и хотелите и целиот угостителски сектор бележиме само нули приходи, додека расходите стојат исти. Ние имаме вработени кои се во нашата фирма со години, кои работат лојално, посветено и одговорно и со неко од нив сме поминувале и убави врамиња и кризи. Сме вложувале во вработените, во нивен развој бидејќи тие се човечки ресурс кој е еден вид капитал. Неможеме сега ние да ги оставиме вработените на улица, а приходот е нула па намалувањето на придонесите од 50 % не е некое големо олеснување во овој период кога буквално немаме приходи. Очекуваме државата да разгледа уште мерки за да можеме како најпогоден сектор да го преживееме овој период и да продолжиме да работиме, да генерираме приходи, да плаќаме даноци и да го даваме импактот на локалната економија кој го даваме со години преку туристите кои доаѓаат во Охрид и Македонија“ – вели Олег Маленко, сопственик на агенцијата ВИС ПОЈ од Охрид и додава:

„Ве молам да ми дозволите да изразам и една јавна благодарност до клиентите и партнерите како и до медицинарите и сите граѓани кои прават се да ја победиме оваа незапаметна ситуација, во овие времиња на една ваква би ја нарекол „уникатна криза“ која е најголема светска криза по Втора светска војна.

Во целосен застој е и бизнисот на угостителите кои ги затворија објектите и не се знае кога ќе ги отворат повторно. Од хотелите и угостителските објекти кои работат под брендот „Тино“ велат дека потребни се итни и проширени мерки.

„Мерките кои се објавија секако дека ќе ги прифатиме бидејќи сме во ситуација да немаме избор. Но ситуацијата е далеку полоша од што може да се замисли бидејќи целосно се затворени хотелите , ресторанот и пабот. Ние немаме никакви приходи, а трошоците остануваат пред се во делот на вработените и обврските кон банките кои треба да се одложат во периодот додека трае кризата бидејќи објектите се затворени.  Во делот на покривање на придонесите треба да се разгледа опцијата да не ги плаќаме овие давачки кон државата во овој период, поточно целосно да се субвенционираат бидејќи вработените мора да ги зачуваме, а повторувам приходите во овој период не постојат, поточно се нула па логично е дека во секторот туризам и угостителство нема да може да се покријат трошоците за придонеси на плати затоа мора да се субвенционираат целосно. Мора да се води сметка дека со нашиот застој ние предизвикуваме губитоци и застој кај нашите добавувачи кои не снабдуваат нас со намирници и други тековни набавки бидејќи вака се покренува цело едно домино кое ќе почне да паѓа ако паднеме ние во хотелиерскиот и угостителскиот сектор  во Охрид“ – вели Борис Маркулески од хотелите „Тино“ во Охрид кој додава:

„Здравјето на сите нас е секако најважно и приоритет во овие моменти, но треба сериозно да се разгледа и економскиот аспект на кризата за да нема долгорочни последици“.

„Со оглед на најновата ситуација во државата – вонредна состојба, ке се воздржам од коментар додека не се се видат сите мерки кои ке ги превземи државата. Затоа што досегашните се далеку од тоа што ке му е потребно на секторот за да ја преброди оваа најголема криза досега што се има случено“ – вели Ерхан Су од „Су Хотел“ и кафетеријата „Ликвид“.

„Без да навлегувам во политичките прилики кои се повеќе се наметнуваат и во оваа тема, мерките кои ги презеде државата секако дека ќе ги прифатиме, но не се доволни. Ние работиме само со инкаминг гости, носиме илјадници туристи годишно кои внесуваат пари во Охрид и државава, со години плаќаме даноци и сме дел од локалната економија кој креира поголема економска активност. Туристите кои доаѓаат создаваат импут во хотелите, рестораните, продавниците за сувенири, бутиците, музеите. Сето ова сега запира и почнува да се прекинува еден циклус на кружење на партие кои сега едноставно исчезнаа. Целиот сектор е замрзнат, но не е мртов и тоа мора да се има во предвид, да се стави туристичкиот и угоистителскиот сектор на условно речено апарат за дишење и да преживее до крајот на кризата за да се подигне повторно и да почнеме да работиме. Ако се погледне локално економијата на Охрид голем дел се врти околу парите кои ги носат туристите, затоа сега штета трпиме ние, но и трговијата која е добавувач на хотелите и рестораните но и охридската чаршија. Затоа апелирам да се разгледаат можностите за дополнително субвенционирање на вработените кои треба да ги задржиме , за да можеме веднаш да почнеме со работа од како кризата ќе заврши. “ – вели Филип Стефаноски, директор на инкаминг туроператорот ДМЦ Балканс.

Од хотелот „Сити Палас“ велат дека кризата ги оставила целосно без гости , а мерките кои ги објави државата ги прифаќаат, а дали ќе се доволно ќе зависи од тоа колку ќе трае кризата.

„Ако кризата заврши наскоро ќе се пребрроди и со овие мерки, но ако таа продолжи, а објектите се целосно затворени ( бидејќи таква е ситуацијата ) тогаш состојбата ќе е уште полоша и ќе треба да се разгледаат и други мерки, пред се во делот на платите и придонесите кои ги плаќаме за вработените бидејќи приходите се еднакви на нула, а луѓето неможе или не би требало да ги избркаме од работа. Тука ќе мора да се разгледа дополнително ослободување пред се во делот на придонесите за вработените“ – велат од Сити Палас.

ПЛОВИЛАТА ЗАВИТКАНИ СО ЦЕРАДИ ГО ЧЕКААТ КРАЈОТ НА КРИЗАТА

Каналот Студенчишта е полн со катамарани, кајчина и дурги пловила, кое со години дури и во зима пловеа по езерото преполни со туристи. За првпат заради пандемијата со „Ковид 19“  езерото е празно, а каналот е полн со паркирани пловила кои чекаат подобри времиња. Глетката во моментов е ваква како на сликата подолу:

Љ.Таневски

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close