Кој бил охриѓанецот онколог д-р Анастас Коцарев – единствениот Македонец што со своето дело бил многу блиску до добивање на Нобеловата награда

Осумдесет години без поширока афирмација останало делото на македонскиот онколог д-р Анастас Коцарев (1889-1931), близок соработник на нобеловката Марија Кири и најверојатно, покрај Мајка Тереза, единствениот Македонец што со своето дело бил многу блиску до добивање на Нобеловата награда. Ретко кој денес во Македонија знае за неговите научни достигнувања од првите децении на 19 век, кога работел на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Бил еден од пионерите на радиотерапијата, но и на радиографијата. Прв во светот направил рендгенографија на фотографска плоча од тело на пациент заболен од канцер. Напишал значајни научни трудови, кои и денес се цитираат во медицината, но, за жал, ниту еден примерок нема во македонските библиотеки, објави media24.mk.

Првпат по многу децении направен е обид да се оживее споменот за научникот.

– Иако се работи за македонска гордост, единствениот Македонец соработник на Марија Кири долго време беше заборавен. Дома имаме фотографии и документи од неговата работа. По 80 години од неговата смрт решив да напишам материјал за неговиот живот, а се изработи и документарец,  вели внуката Соња Коцарева-Трпезановска, специјалист физијатар во битолската клиничка болница.

Доктор Коцарев бил роден во Охрид во далечната 1889 година. Татко му бил познат банкар, мајка му починала од рак на матката, а млади му умреле и двете сестри. Поради тоа одлучил да учи медицина и да ги лечи луѓето. Студирал на Медицинскиот универзитет во Женева, а за да ги плати трошоците, семејството го продало чифликот. По дипломирањето работел на Клиниката на Медицинскиот универзитет во Женева.

Желбата, откако доволно ќе напредне, да се врати во Охрид и да лекува не му се исполнила.

Доктор Коцарев починал ненадејно на 42 години, а неговата смрт до денес е мистерија и за семејството.

Д-р Анастас Коцарев со братучедите во Охрид

Денес не се знае ни каде точно му е почивалиштето. Се смета дека имал свршеница од Швајцарија и наводно е закопан во нејзината гробница.

Текстот во целост на: media24.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close