(ФОТО) „Тоби“ – поучна приказна за децата и младите

Театарот за деца и младинци од Скопје денеска во Охрид ја одигра куклената претстава „Тоби“од Флоријан Зденек, во режија на Драгослав Тодоровиќ, а во организација на Националната установа „Охридско лето“.

Најмладата публика во Центарот за култура „Григор Прличев“ уживаше во прекрасно дизајнираните ведри кукли и извонредната актерска глума.

Патот што на сцената го помина кучето-јазовичар Тоби кое се срамеше од својот изглед претставуваше спознавање на една голема вистина но и поука за публиката. Во куклената претстава се откриваа сѐ уште актуелните проблеми кај луѓето како што се  необјаснивата желба за промена на сопствениот изглед, дискриминацијата по најразлични основи, физички, социјални, расни, но  јасна беше и пораката дека во секој случај, најважно е ние самите да бидеме среќни и да бидеме прифатени со она што го носиме и со она што имаме.

„Тоби “ е поучна приказна за децата и младите кои поради нивните години се најчесто  најнезадоволни и ништо не им се допаѓа во нивното тело.

-Во тие години никако не сте задоволни од сопствениот изглед. Меѓутоа ако имате пријателка како госпоѓата Флора, вие, како јазовичарот Тоби ќе се согледате од сосема друг среќен агол со помош на пријателите. И уште нешто: „Никогаш немојте да се китите со туѓите перја. Ќе испаднете смешни, вели режисерот на претставата  Драгослав Тодоровиќ.

Инаку, куклената претстава „Тоби“,  во септември годинава ја доби Наградата за најдобра анимација на кукли на 10-тото Бугојнско куклено биеналешто се одржа во Босна и Херцеговина, а минатата година од Меѓународниот фестивал за кукларство во Подгорица, Црна Гора, се врати со пет освоени награди.

Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ  смета дека љубовта кон уметноста се всадува уште од мали нозе, па токму затоа, како што вели, „Охридско лето“, и во иднина ќе организира настани за публиката од сите генерации.

-Со оваа куклена претстава сакавме да им посветиме внимание на нашите најмлади гледачи. Нашата цел е да понудиме квалитетна програма за публиката од сите генерации, со цел да ја заживееме културната понуда во Охрид, не само во лето, туку и во текот на целата година. Како национална установа ќе продолжиме со организирање културни настани се’ до почетокот на 60-тото јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“ во 2020 година, кога исто така планираме квалитетна програма со врвни уметници, вели директорката Поповиќ.

По завршувањето на годинешното фестивалско издание, во организација на НУ „Охридско лето“, во  септември концерт во Охрид одржа младиот јапонски пијанист Томохиро Адачи,а во октомври се одржа работилница под наслов „Ритамот – Движењето, Музиката – Дишењето“ на познатиот музичар и композитор Оливер Јосифовски.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close