Инспекција влезе кај концесионерот на Охридското Езеро – се проверува неговата работа

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги испратило сите свои инспекциски служби да спроведат проверка на работењето на концесионерот што стопанисува со рибниот фонд на Охридското Езеро.

Рибарите од Радожда обвинија дека концесионерот работи незаконски со потконцесионер во струшкиот дел од езерото на потегот од Подмоље до кампот „Треска“, со кого преговараат и договараат услови за риболов. Тие јавно изјавија дека се ангажирани без договори, како и оти воопшто не се водело евиденција за уловената риба. И во минатото беше посочувано дека на хартија се запишува одредена количина, наспроти реално изловената риба со тежина и по неколку пати поголема од декларираната, објави МИА.

Неодамна Охридското Езеро доби нов концесионер што наредните шест години треба да стопанисува со рибниот фонд. Фирмата „Летница Белвица“ од Струга го доби езерото на користење со изменета риболовна основа. Измените се однесуваат во делот на утврдување на периодот на мрест, времето во кое е дозволен риболовот, намалени се количините на дозволен улов на охридска белвица и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за Охридската пастрмка, белвицата и крапот.

Она што навистина е проблем е отсуството вистинска физичка заштита на рибниот фонд во езерото. Во Охрид и Струга јавна тајна е дека се врши неконтролиран излов на риба од езерото, и тоа не само преку злоупотреби од концесионерите, туку и од поединци и организирани групи кои вршат незаконски риболов пред очите на инспекторите, концесионерот, полицијата.

 

извор: МИА

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close