Денеска е голем празник – Се празнува Св. архангел Михаил

Денеска се слави еден од поголемите есенски празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби е и празникот Собор на Свети Aрхангел Михаил, меѓу народот попознат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден. Многу семејства го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби, а и општо е верувањето дека тој спаѓа меѓу поголемите празници. Наречен е Собор на свети архангел Михаил, зашто архангел Михаил е војвода на целата ангелска војска. Учењето за ангелите е инаку собрано во книгата на псевдо-Дионисиј Ареопагит „За небесната хиерархија“.

Постојат девет ангелски чинови: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими, богоносните Престоли, потоа Господствата, Силите, Властите, Начелата, Архангелите и Ангелите.

Именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка…

Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот итн.), Господ го создал духовниот свет ‒ ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма. Тие се Господови гласници (ангел значи весник) ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Зошто архангел Михаил е насликан како војвода?

Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават злодела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.

Тогаш, кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши архангел Михаил ги собрал сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца со песната: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот. Во спомен на овој собир црквата го востановила празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21/8 ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј. Зошто токму на овој ден се празнува денот на ангелите? Според некои истражувачи месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето, кога годината започнувала од март, ноември бил деветти месец, а девет се чиновите ангелски. Денот осми (според стариот календар) е одбран поради тоа што на осмиот ден од страшниот суд ќе дојде Исус да им суди на живите и мртвите.

 

фото: МПЦ

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close