Јавна расправа за управување со природното и културно наследство

Денеска во Охрид  се одржа  Јавна расправа за Нацрт- Планот за управување со природното и културно наследство  и Нацрт- Извештајот за стратегиска оцена на животната средина за планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион 2019- 2028. На почетокот на настанот во полната сала во ЦК „Григор Прличев“ свое обраќање имаше градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески

-Дозволете да ја изразам мојата благодарност за организација на оваа Јавна расправа  токму тука во Охрид  затоа што Нацрт – Планот за управување со природното и културно наследство и Нацрт – Извештајот за стратегиска оцена на животната средина за планот за управување со природното и културно наследство за кои денес ќе дебатираме  се однесуваат  токму на Охридскиот регион за период од 2019 до 2028 година. 

Ние луѓето сме креатори на идеи нив ги преточуваме во проекти и  секогаш настојуваме доследно да се грижиме за своето минато, сегашност но и иднина. Древниот Охрид кој е бедем на македонскиот национален идентитет, научен и културен центар многу одамна е впишан на листата  на УНЕСКО како  Светско природно и културно наследство. Тоа значи дека многу одамна сме се обврзале да постигнеме највисок стандард на заштита на природното и културно наследство.

Денешнава средба е во насока на  согледување на   состојбите, ресурсите и проблемите во Охридскиот регион во целина  со што битно ќе допринесеме во   дефинирање  на  целите, мерките и режимите за заштита.

Охридскиот регион поседува исклучителна универзална вредност како комбинација од природни феномени со квалитетот и разновидноста на културното наследство – материјално и нематеријално.

Двата документи кои денес се тема на јавна расправа ќе обезбедат  висок степен на заштита на исклучителната универзална вредност на регионот. Тие се  основа за донесување на развојни одлуки од сите засегнати страни со што се обезбедува рамнотежа меѓу заштитата на доброто и неговото искористување.

Градот Охрид е еднa од најстарите човекови населби во Европа,  со исклучително природно наследство   и со  ретко архитектонско и уметничко достигнување.  Тој е ризница на нематеријални и  материјални, вредности инспирација на многу уметници и оддишка за многу  гости и туристи. Сите ние во рамки на своите надлежности,  да останеме доследни на постојаните  заложби и понатака безрезервно да се вложуваме со цел максимално да го заштитиме непроценливото природно и културно наследство на Охрид и неговиот регион – рече градоначалникот Георгиески.

Пригодно обраќање имаше и  градоначалникот  на општина Дебрца, Зоран Ногачески по што  Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска  одржа презентација на Нацрт – Планот  за управување  со природното и културното наследство.   Зоран Павлов од Комисијата за управување со културното и природното наследство говореше за важноста  на Планот за заштита на културното наследство и мерките и активностите кои овој план ги предвидува за остварување на заштитата на културното наследство. Мартина Блинков од Градежниот институт на Македонија одржа презентација на Нацрт – Извештајот за стратегиска оцена н животната средина за планот за управување  со природното и културното наследство на Охридскиот регион 2019 – 2028г.

Организатор на настанот е  Министерството за животна средина и просторно планирање  при Владата на РСМ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close