(ФОТО) Промовирана книгата поезија „Небо во кафез“ од охриѓанката Д.А Лори, овогодишна добитничка на наградата „Тодор Чаловски“

Вечерва се одржа промоција на книгата поезија „Небо во кафез“ од Долорес Атанасова-Лори. На промоција фоајето на киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар  присуствуваа огромен број вљубеници на поезијата и пишаниот збор.

Театарот „Сенки и облаци“ со својата магија на сенки и бои ќе претстави дел од поезијата што ја читаа: Ѓоко Здравески, Биљана Стојановска, Верица Недеска и Долорес Атанасова-Лори. Музиката е на Горан Атанасов.

– „Небо во кафез“ како возрасно дете буричка по светот околу себе, го отсокрива, го препокрива, покажува на работи очигледни, а заборавени, или заматени од премногу зашербетена лага, и гласно кажува царот во нас е гол! – вели за книгата Ѓоко Здравески.

Инаку Долорес Атанасова-Лори  е охриѓанка која живее и работи во Скопје.  Пред само една недела Здружението за култура, литература и уметност „Галикул” информираше дека поетесата Долорес Атанасова-Лори (Д.А. Лори) е овогодишна добитничка на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година во областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми.

Наградата се доделува во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на својот основоположнк и еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945 – 2015), како признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми, за автор од Македонија. Наградата предвидува издавање на книга на наградениот автор во 2020 година, резидентен престој во Галичник и авторски хонорар за изданието. Здружението за култура, литература и уметност „Галикул” одлуката ја обзнани на 25-тата по ред традиционална „Галичка книжевна колонија” одржана во Галичник од 11-ти до 13-ти октомври, на која освен овогодишниот лауреат, учествуваа и поетите Јовица Ивановски, кој оствари резидентен престој во Галичник на покана на организаторите и Биљана Стојановска, минатогодишна добитничка на наградата.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close