Државниот секретар МајклР. Помпео воодушевен од Галеријата на икони

Државниот секретар МајклР. Помпео и неговата придружба, во која беа помошникот државен секретар Филип Рикер, амбасадорката на САД во Северна Македонија Кејт Мари Брнз и советниците Мери Кисел и Рики Вадел, како дел од програмата од посетата на нашата земја ја посетија црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид.  Но, пред да ја посети црквата, државниот секретар на САД со сопругата Сузан  и придружбата ја посетија Галеријата на икони на завод и Музеј – Охрид  и беа воодушевени од убавината и важноста на иконите од охридската збирка. Објектот на Галеријата на икони-Охрид се наоѓа во амбиенталната целина на црковниот комплекс “Св. Климент” (Св. Богородица Перивлепта), наспроти главниот влез од црквата.

Галеријата ни малку не заостанува зад убавината и значењето на Перивлепта. Гостите таму се задржаа околу половина час, пројавувајќи огромен интерес за иконите. Тие беа видно воодушевени од нивната убавина. Меѓу другото на големите гости од САД им беа презентирани и ракописи од IX и X век.

Инаку  Галерија на икони е сместена во некогашното училиште кај црквата Св. Богородица перивлепта.  Во дворот на црквата во 1841 година било изградено ново училиште за вишите класови по нацрти на Константин Робев, а во 1845-1850 уште едно класно училиште пред црковната врата на митрополијата, на местото од урнати редови на манастирски ќелии. Ова, второто изградено училиште е всушност објектот во кој денеска е сместена нашата Галерија на икони. Со децении, во турско време (до 1912 година) и натака, во времињата на разни општествено-политички доминации на овие простори, овој објект и целиот комплекс “Св. Климент” служел за разни намени, главно за потребите на Охриѓани и, особено, на Охридските првенци во остварување на сопствените идеали.

Со изградбата на новото осумгодишно училиште “Св. Климент Охридски” на Дебој, објектот “забавачница” е предаден на користење на Заводот и Музеј-Охрид.

Во периодот помеѓу 1981 и 1983 година, објектот што се наоѓа во дворот на црквата, наспроти нејзиниот влез, бил реконструиран и ревитализиран во современа Галерија на икони, каде сега се презентирани највредните примероци од Охридската збирка кои, инаку, за прв пат биле изложени во надворешната припрата на црквата Св. Богородица Перивлепта во 1961 година по повод XII Византолошки конгрес што се одржал во Охрид.

Во 2000 година, по повод големиот јубилеј на христијанството, Галеријата на икони во Охрид беше преадаптирана, при што беше направена нова концепција на збирката и беа осовременети просторните, безбедносните и микроклиматските услови.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close