Почина оперската легенда Џеси Норман – Охридско лето изразува вечна благодарност

Оперската легенда и една од најпознатите сопранистки на 20. век Американката Џеси Норман почина на 74 години. Нејзиното семејство соопшти дека Норман починала во болница во Њујорк, поради сепса и откажување на повеќе органи, компликации кои беа поврзани со повредата на ‘рбетниот столб во 2015.

Норман пееше на втората ингурација за американските претседатели Роналд Реган и Бил Клинтон, на отварањето на Летните олимписки игри во 1996 година, како и на Меморијалот за жртвите од нападите на 11 септември, во 2002 година.

Има освоено четири Греми награди, Греми за животно дело, како и признание од центарот „Кенеди“.

Оперската дива во 2008 го отвори најголемиот македонски фестивал Охридско лето. Концертот беше насловен „Од Америка со љубов“ со дела од Бернштајн, Гершвин, Вилјамс, Њутн, Кер, а ја придружуваа музичари од Филхармонијата и од Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ).

Фестивалот „Охридско лето“ жали за големата загуба. Од таму велат дека Норман која ќе остане запишана во фестивалската историја како една од најголемите ѕвезди кои настапиле на сцената од „Охридско лето“.

„Големите личности секогаш имале посебно место на сцената на „Охридско лето“. Вечно ќе и бидеме благодарни на најголемата светска ѕвезда во музичката уметност која на 48-то „Охридско лето“ одржа концет за паметење. Нејзиниот раскошен глас остави печат на величина на уметник што го вивна фестивалот далеку на врвот меѓу најдобрите, ги помести границите на врвната уметност која може да се доживее на нашата сцена, ги урна рекордите на посетеност…. Таа ѕвездена ноќ насловена „ Од Америка со љубов“ ќе остане засекогаш во фестивалската историја на „Охридско лето“ како еден од највеличенствените и најексклузивните настани на Античкиот театар“, велат од Фестивалот „Охридско лето“

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close