На денешен ден пред 50 години охридскиот делфин, Атина Бојаџи го преплива Ламанш

Најславната македонска пливачка, охриѓанката Атина Бојаџи, на денешен ден во 1969 година, го преплива каналот Ламанш. Со овој голем подвиг, таа остана засекогаш запаметена како една од првите жени во светот што го преплива каналот. Таа за своите успеси го добила прекарот охридскиот делфин.

Патеката долга 50 километри, Бојаџи ја преплива за 13 часа и 20 минути. Нејзиниот успех шест години подоцна е овековечен во филмот „Исправи се, Делфина“ на Александар Ѓурчинов, со Неда Арнериќ во главната улога.

За дочекот во родниот Охрид, Атина Бојаџи изјавила:

„Дочекот беше прекрасен, од селото Косел до плоштадот во центарот на Охрид имаше колони од луѓе. Јас седната во кабриолет во таа гужва го слушав гласот на син ми кој во плач викаше: “Мајко, кои се овие луѓе, што е ова?“. Јас навистина до ден денес нема да го заборавам тој дочек, беа излезени речиси сите охриѓани.“

Потоа пливачката кариера ја заменила со тренерска, најнапред во белградскиот клуб „Црвена звезда“, а потоа и во спортскиот центар во Лос Анџелес, САД. Кон крајот на 1991 се вратила во Сараево, каде ја затекнала воената опсада на градот. Со помош на пријатели успеала да го напушти својот стан. Заедно со себе ги зела сите освоени пехари, сведоштвото на нејзиниот успех. По враќањето во Македонија била вклучена во организационите тела на Охридскиот пливачки маратон.

Во 1998 година Македонскиот олимписки комитет ја овенчува со признанието „Великан на македонскиот спорт“, а во 2000 година дневниот весникот Утрински весник ја прогласува за спортист на векот. Во нејзина чест, спортскиот комплекс кај Билјанини Извори во Охрид го носи нејзиното име.

Починала во Скопје по кратко боледување на 28 декември 2010 година..

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close