СОНК: Наставниците утре ќе штрајкуваат, нема да ги примат децата во училиштата

Наставниците утре нема да ги примат децата во училиштата. Од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) велат дека ќе си стојат на зборот и дека од утре го започнуваат предупредувачкиот штрајк бидејќи се незадоволни од покачувањето на платите за 5 отсто. Додаваат дека доколку до крајот на септември не се исполни нивното  барање, во октомври ќе излезат на штрајк.

„Сите наши членови ќе дојдат на работа, ќе бидат во една просторија додека трае работниот ден, но нема да ги прифатат децата кои ќе дојдат на училиште. Ова ќе биде предупредувачки штрајк. Од вторник наставниците ќе одржуваат настава, но бараме преговори со Владата за исполнување на нашето барање за покачување на платите на просветните работници за 25 отсто“, истакна на денешната прес конференција Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Спротивбо на ова министерот за образование Арбер Адеми исто така на прес-конференција во Владата ги повика наставниците и вработените во училиштата утре да почнат со настава и да ги прифатат децата.

„Не се сеќавам дека некогаш се организирал штрајк во земјава кога имало одлука за покачување на платите. Ние како Влада работиме на подобрување на материјалниот статус на просветните работници, како и на условите за работа и учење на децата. Изминатава година, платата на наставниците се зголеми за 10 отсто за разлика од лани“, истакна министерот Адеми.

Министерот додаде дека како министерство и Влада се отворени за преговори со СОНК, а се разгледуваат можности за ново покачување на платите, но следната година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close