Октетот „Игњац Фукс“ вечерва на „Охридско лето“

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на октетот „Игњац Фукс“ од Хрватска што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Ќе настапат Костадин Богданоски-прва виолина, Фросина Богданоска-втора виолина, Хивоте Тадезе-виола, Никола Јовановиќ-виолончело, Александар Тасиќ-кларинет, Виктор Кирченко-хорна, Жарко Перишиќ-фагот и Илин – Диме Димовски на контрабас.

Мешовитиот Камерен Ансамбл “Игњац Фукс” е формиран во јуни, 2016 по иницијатива на македонско-хрватскиот контрабасист Димовски и на српскиот кларинетист Александар Тасиќ, кога на нивно гостување во Макао со театарско/оперската група “Third World Bunfight” им се укажува можност за дополнителен концерт на камерна музика во соработка со Хонгконгшката пијанистка Жаклин Леунг.

Оттаму се јавува идејата за флексибилен ансамбл во кој членуваат најистакнатите класични музичари од бившите југословенски простори, како што е и случајот со ансамблот на “No Borders Orchestra”, каде што Тасиќ и Димовски се запознаваат. Во исто време, флексибилен ансамбл значи поголема уметничка слобода во креирањето на програмата за еден концерт и помага во промовирањето на камерната музика, која е врвот на западно-класичниот музички израз.

Името на ансамблот е всушност првото име на познатиот хрватски композитор Ватрослав Лисински кое е воедно и името на концертната сала во која секојдневно работат некои од членовите на ансамблот во Загреб.

Костадин Богданоски е прва виолина и работи како концерт мајстор во Операта „Лисеу“ во Барселона. Фросина Богданоска е член на филхармонијата во Клагенфурт, Австрија и водач на вторите виолини во „Но Бордерс“ оркестарот. Хивоте Тадезе е заменик водач на виолите во оркестарот на Загрепската филхармонија и соло виолист на Хрватскиот барокен оркестар. Никола Јовановиќ е заменик-водач на секцијата на виолончела во Бамбергшкиот оркестар од Германија и водач во „Но Бордерс“ оркестарот. Александар Тасиќ е професор по кларинет на академијата во Нови Сад и тутор и постојан член на Фестивалскиот камерен оркестар во Вербие, Швајцарија. Виктор Кирченко е прв солист на хорна во Загрепската филхармонија, а Жарко Перишиќ е професор на академијата во Загреб и соло фагот на Симфонискиот оркестар на ХРТ.

Илин-Диме Димовски е постојан член на Загрепската филхармонија, прв контрабас на „Но Бордерс“ оркестарот и уметнички раководител на ансамблот „Фукс“.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close