Љупчо Тодоровски –Упа: Конески е нераскинлив дел од мене и мојот живот

Фестивалот „Охридско лето“ освен што ја негува класичната музика и драмската уметност,  простор отстапува и за останатите видови уметност. Дополнителната програма на фестивалот утревечер од 22 часот во Предворјето на црквата „Света Софија“ ќе донесе  сценски приказ  на поезијата на Блаже Конески преку проектот „Парче душа“ на актерот Љупчо Тодоровски –Упа.Со години изведуван ширум Македонија проектот стана препознатлив, а Упа, некако природно се врзува, се поистоветува со Блажe Конески.Насекаде наидува на искрена човечка возбуда и благодарност, неретко доведени до по некоја солза. И точи мир. Мир и спокојство во душата.

 „Парче душа“ е метафоричен приказ на еден човечки живот испреплетен со историјата на нашата татковина. Сликослед од крајолици, луѓе и настани од нашиот, македонски живот. Реализирате голем проект со кој всушност ја возобновивате малку подзаборавената навика на рецитирање и читање поезија. За каков проект станува збор?

УПА: Проектот е составен од: државен натпревар во рецитирање со предвидено учество на над 7.000 учесници и над 100.000 посетители, снимање на носач на звук на 100-те најголеми македонски поетски песни во изведба на водечки актери,ТВ серија од 15 епизоди за големите македонски поети како прв дел на поголем проект наречен „Столбовите на Македонија“, интерактивна обработка на методски единици „Поети“ и изведба на нивните песни преку актерски настапи за средните училишта.  Исто така подразбира и мапирање  и обележување на сите спомнати од Конески во неговите песни топоними и историски личности и настани со текст на песната и достап до изведбата на таа песна преку мобилни телефони, вели Тодоровски Упа.

Зошто овојпат се одлучивте за Блаже Конески?

Блаже е нераскинлив дел од мене и мојот живот. И моето творештво. Толку стана мој како да ми е отсекогаш.Секогаш кога не ќе сум можел да се изразам себе си – сум го говорел него. Го мислам и ќе го имам до – секогаш. Како дел од мене. Затоа што како и секој гениј, неговото дело го  доживуваме како да се однесува за нас лично.Зашто тој спаѓа во ретките благословени од боговите кои ги допреле корените на чувствата, ги сфатиле длабочините на душата и кои ни помагаат да дојдеме до толку едноставни а големи сознанија; затоа што ни предочуваат прекрасните созерцанија на животот и човекот. Пред се нашиот, македонскиот човек. Затоа е Блаже и сечовечки – оти е најпрво свој, наш. Оттаму огромната моќ на неговата поезијата.Оттаму мојата втренчената очараност од Блажета…

Затоа што не се сложувам со тоа како се однесуваме кон неговото творештво, затоа што го забораваме и зафрламе по зафрлени ќошиња на помнењето и почитувањето, поточно, ја презирам таа неблагодарност, и народна, и државна. Сега кон него се однесуваме како да е од никогаш. Се однесуваме како овие 2- 3 милиона души наречени Македонци да ќе раѓаат секои педесет години по еден великан од светско значење. Оти тој е тоа – еден од најголемите и најмоќните поети на сите времиња. Молам, кој не верува – да го препрочита. Или, уште поарно, нека слуша некој актер кој што го говори.

Кон него се однесуваме како неук, неопитен човек кој по божје провидение падната му во раце Бержеовата непроценливо вредна, восхитувачки убава ракотворба од бесценети камења, не сфаќајќи ни убаво ни вредно, отфрлајќи се што не е за „во себе, на себе и под себе“ наменето за него и неговото тело – ја зафрлил меѓу џиџињата купени на последниот панаѓур.

Блаже ми е како отсекогаш. Кога не ќе сум можел да се изразам себеси – сум го говорел него. Затоа што, како и секој гениј, неговото дело го доживуваме како да се однесува за нас, и само за нас. Го доживувам, живеам и ќе го имам за – до секогаш. Како јас, самиот себеси. И го преточувам преку себе во гледачите. Го болам и воскликнувам за секој од нив посебно и за сите нас заедно…

Го реализирате овој проект шурум државата веќе подолго време. Каков е одзивот кај аудиториумот?

Луѓето сакаат убав збор, моќно чувство, возбудлива состојба, слики.

Мир и спокојство, убав збор, блискост; длабоки и искрени чувства, мечтање и сонување. Луѓе со воздржан здив…Ете тоа е рецитирањето.

И давам предност на училиштата, кај младите оти тие се идните читачи, идните посетители на театар, добри граѓани, чесни домаќини, грижни родители. Всушност, како што си беше. И како што треба да биде на овој свет и овој век.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close