Портокалова фаза во цела држава – препораки од Комисијата за следење на ефектите од високите температури

Согласно добиените информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи,во следните седум дена почнувајќи од четврток 08.08.2019 година и се до 14.08.2019 година, територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза. Сите региони во државата: скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза.

Министерството за здравство врз основа на заклучоците на Комисијата за следење на ефектите од високите температури согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови ги донесе следните препораки:

1. Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се – бремените жени и лицата на возраст над 60 години.

2. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

3. Се препорачува сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници

4. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат проактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници согласно предвидените активности во Акциониот план.

5. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Потсетуваме дека населението во целиот летен период потребно е да ги почитува следните општи мерки за заштита на здравјето како што се:

1. Во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.

2. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.

3. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна.

4. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.

5. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.

6. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува:

1. Задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба.

2. Термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 степени Целзиус, а пред употребата истата да се загрее на + 100 степени.

3. Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.

​Информираме дека здравствените установи се подготвени со доволен број капацитети (хумани, просторни) и медикаментозна терапија за евентуално справување со зголемен број лица со штетни ефекти по здравјето од високите температури.

Исто така, по потреба и на дневна основа, Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството за здравство ќе предлага мерки и активности за минимизирање на овие ризици, посебно за најранливата категорија на граѓани во деновите кои доаѓаат.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close