Усеини: „Државата кога ќе ги сруши дивоградби покрај езерото и во НП Галичица, тогаш јас мојот објект сам ќе го срушам“

Времен мораториум за градба на нови објекти како и донесување и спроведување на урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти изгласа денеска Советот на општина Охрид, како дел од препораките на УНЕСКО, за регионот околу Охридското езеро да го задржи светскиот статус кој го има од 1980 година.

Една од најспоменуваните дивоградби изминатиот период во Охрид е терасата на пицеријата на советникот од ДУИ и бизнисмен Нефи Усеини. Тој тврди дека објектот не е дивоградба и оти врз него изминатиот период се вршела постојана политичка хајка.

„Мојата летна тераса не е дивоградба. Мојата летна тераса ги поседува сите потребни документи. Државата и органите на  владата на Заев, кога ќе ги сруши сите такви објекти, дивоградби покрај езерото и во Националниот парк Галичица кој е под заштита на Унеско, тогаш јас мојот објект кој ги има сите потребни документи, јас сам ќе го срушам“, рече Нефи Усеини- советник од ДУИ.

На денешната, триесетта седница на Советот на општина Охрид, беа усвоени предлог одлуката за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистички планови и  постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени обејкти и предлог одлуката за  усвојување на Извештајот и Акцискиот план за постапување по Заклучоците од 146-та седница на Владата на Република Северна Македонија.

Во изјава за медиумите градоначалникот, Константин Георгиески истакна дека е задоволен од што се покажа единство околу теми кои се клучни за Охрид.

-Најпрво сакам да изразам благодарност до членовите на Советот на Општина Охрид кои ги поддржаа двете предлог одлуки во согласност со дадените задолженија на Владата на Република Северна Македонија, врз основа на препораките кои беа нотирани од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Особено ме радува фактот што како охриѓани покажавме заедништво и единство за теми кои се од клучен интерес за нашиот Охрид.

Инаку до септември оваа година според планот, општина Охрид треба да направи детален попис на сите бесправни градби. До февруари пак следната година, државата и општината треба да одговорат на сите препораки на УНЕСКО од седницата која се одржа во Баку, Азербејџан во јули оваа година. Дали Охрид ќе остане под Унеско се ќе зависи од нивното спроведување на дело.

Во меѓу време до септември оваа година според планот, општина Охрид треба да направи детален попис на сите бесправни градби. До февруари наредната  година,државата и општината треба да одговорат на сите препораки кои Унеско како забелешки ги даде на седницата која се одржа во Баку, Азербејџан во јули оваа година. Дали Охрид ке остане под Унеско се ќе зависи од нивното спроведување на дело.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close