Советникот Усеини се пријавил да урива дивоградби во Охрид

Две фирми се пријавиле на тендерот за уривање на дивоградби што го распиша Општина Охрид. Отворањето на понудите се изврши денеска по електронски пат, а имињата на фирмите не се соопштуваат, за да не се наруши постапката, информираат од општината. Од локалната додаваат дека тендерот е успешен затоа што е исполнет еден од условите, а тоа е да има пријавени заинтересирани фирми. Согласно критериумите на тендерот, надлежната општинска комисија наредните денови ќе врши евалуација на пристигнатите понуди, по што ќе следи јавно наддавање, односно е-аукција. Тендерот ќе го добие фирмата која ќе понуди најниска цена.

Но, и покрај тоа што општината не ги открива имињата на фирмите пријавени на тендерот за уривање на дивоградби, дознаваме дека една од двете компании кои доставија понуди е и фирмата на советникот Нефи Усеини, сопственик на дивоградбата пред чинарот која деновиве крева многу врева во јавноста.

Само за потсетување Усеини пред неколку дена приреди свеченост со огномет за отворањето на пицеријата дивоградба.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски е неколку наврати кажа дека сите дивоградби во Охрид ќе бидат урнати. Тој потенцираше дека и дивоградбата на Усеини ќе биде отстранета веднаш штом се создадат услови. Како една од причините за досегапшното непостапување беше наведнео и тоа дека се уште не е избрана фирма за уривање.

И архитектите и планерите апелираат дека дивоградбите од ваков карактер директно се косат со препораките на Унеско. Ако се случи фирмата на Усеини да победи на тендерот, што ќе биде познато многу брзо, тоа ќе значи дека тој сам ќе треба да си ја урива својата дивоградба за што општината Охрид ќе плати пари на неговата компанија.

Компанијата Нефи ИК е основана во јануари 2010 година. Минатата година имала нето добивка од 305 илјади евра, а во 2017 година истата компанија имала добивка од 18,8 илјади евра. Тоа значи дека Усеини за една година имал зголемување на добивката за 1,520 проценти. Компанијата на советникот Усеини – изминатите години активно соработувала со охридските и струшките јавни претпријатија, за што има инкасирано неколку стотици илјади евра.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close