Британскиот парламент одби да ѝ даде поддршка на премиерката Меј за измена на договорот за брегзит

Британските пратеници ја отфрлија стратегијата на премиерката Тереза Меј за брегзитот, во симболично гласање со кое го поткопаа нејзиното ветување до лидерите на Европската Унија дека може да добие потврда во Лондон за својот договор ако се согласат на отстапки.

Пратениците со 303 гласа „против“ и 258 „за“ го отфрлија главниот предлог со кој се бараше поддршка за премиерката и нејзиниот план за измена на договорот за брегзит.

Со тој предлог Меј требаше да добие време за да ги исполни очекувањата на пратениците во врска со заштитниот механизам за границата на ирскиот остров. Тие сметаат дека поради тој механизам, најспорната точка во договорот со Брисел, Британија би останала премногу поврзана со ЕУ на неодреден рок или дека Северна Ирска би се одвоила од матичната земја.

Иако владата не мора да ја менува тактиката поради оваа одлука, таа негативно ќе влијае врз довербата на европските лидерите дека Меј може да обезбеди поддршка за изменет договор.

Овој најнов развој на настаните во двегодишните преговори за излегувањето од ЕУ е показател на длабоките поделби во британскиот парламент и за тоа како и треба ли воопшто Британија да го напушти европскиот сојуз, што е најголемата политичка и трговска промена за таа држава во последните 40 години.

Со денешното гласање се зголемува можноста Британците да излезат од ЕУ без договор, што е сценариото од кое стравуваат многу компании, но и за тоа брегзитот да се одложи или пак да се откаже.

Клучниот датум за владата е 27 февруари, кога Меј вети нов круг гласање. Пратениците кои најавуваат дека од владата ќе бараат одложување на брегзитот открија дека тогаш ќе тргнат во офанзива.

Британија треба да ја напушти ЕУ на 29 март.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close