Европарламентот ги избра комисиските претседатели, екстремната десница исклучена

Новите европратеници вчера ги избраа претседателите на парламентарните комисии во новиот состав на Европскиот Парламент, како и повеќето потпретседатели. Санитарниот кордон против партиите од екстремната десница е активиран за да се спречат овие пратеници да добијат раководни функции.

Претседателите и потпретседателите на 20-те парламентарни комисии и двете поткомисии беа избрани вчера. Европратениците ги спречија нивните колеги од екстремната десница да седнат во претседателските комисиски фотелји, повикувајќи се на принципот на санитарен кордон.

Па така, на пример, во комисијата “Граѓански слободи и правда“ (ЛИБЕ) за потпретседател е избран Пиетро Бартоло, од редовите на италијанските социјалисти, преку електронско гласање, за да се спречи назначувањето на пратеник од редовите на екстремно десната политичката група “Идентитет и демократија“.

Пратениците од крајната десница беа заобиколени и во три други комисии или поткомисии благодарение на санитарниот кордон, кој овозможува надгласување на кандидатот.

Пратениците од екстремната десница, од групата “Идентитет и демократија“ беа исклучени од раководните позиции во комисиите за земјоделство, правни прашања како и од комисиите за меѓународна трговија, рибарство, уставни прашања, економски и монетарни прашања и буџетска контрола.

Групата “Идентитет и демократија“ вчера го осуди овој чекор како “дискриминаторски“.

Серџио Гаруцо од оваа политичка група оцени дека станува збор за “арбитрарно однесување“ и изрази жалење што Европскиот Парламент не предвидува гаранции за застапеност на политичките малцинства, за разлика од националните парламенти. Според Гаруцо, санитарниот кордон не се применува само кон екстремната десница туку и кон припадниците на владејачките партии во Унгарија и Полска.

 Па така, кандидатурата на поранешната полска премиерка, Беата Шидло, од владејачката „Права и правдина“ (дел од европската политичка група на Европските конзервативци и реформатори -ЕКР, кои не се водат како крајна десница), која требаше да застане на чело на комисијата за труд и социјални прашања беше отфрлена вчера со 27 гласови против 21.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close