Автопатот Миладиновци – Штип официјално пуштен во употреба

Во организација на Владата на Република Северна Македонија и Јавното претпријатие за државни патишта се одржа церемонија по повод официјалното пуштање во употреба на автопатот Миладиновци – Свети Никола – Штип. Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев имаше свое обраќање, а се обратија и амбасадорката на НР Кина во Република Северна Македонија, […]

The post Автопатот Миладиновци – Штип официјално пуштен во употреба appeared first on Скопје1.мк.

Во организација на Владата на Република Северна Македонија и Јавното претпријатие за државни патишта се одржа церемонија по повод официјалното пуштање во употреба на автопатот Миладиновци – Свети Никола – Штип.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев имаше свое обраќање, а се обратија и амбасадорката на НР Кина во Република Северна Македонија, Јин Лисјен, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на ЈПДП, Зоран Китанов и претставник на компанијата изведувач „Синохидро“, во присуство на членови на Владата, претставници од Собранието, градоначалници и директори на Јавни претпријатија.

„Треба да бидеме горди бидејќи завршивме со изградба на еден импозантен капитален проект, а тоа е автопатот Миладиновци – Штип. Со тоа граѓаните добија безбеден автопат со што ќе го скратат патувањето за триесетина минути, а воедно создадовме услови за поефикасен и побрз транспорт на стоки и услуги што е важен предуслов за инвеститорите да ја мапираат нашата земја како стабилна бизнис дестинација“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на церемонијата по повод пуштање во употреба на новоизградениот автопат Миладиновци – Свети Николе – Штип.

Тој во своето обраќање потенцираше дека ова автопатско решение е од огромно значење, посебно за источниот регион на земјата со што се овозможува побрз превоз на стоки и патници, а од друга страна заради рамномерниот регионален развој, отворање на нови фабрики и нови вработувања.

„Ова модерно автопатско решение е лицето на новата модерна Северна Македонија која продолжува да се гради, поврзува и интегрира. Нашата цел е да ги овозможиме сите потребни услови, меѓу кои квалитетна инфраструктура и владеење на правото за домашните и странските инвеститори да почувствуваат сигурност и да се одлучат за нови инвестиции и да отвораат нови фабрики во кои ќе се вработат многу наши граѓани. Поврзувањето на нашата земја внатрешно помеѓу градовите, селата и населените места со квалитетна патна инфраструктура, и надворешно кон соседните земји останува да биде наш високо рангиран приоритет. Дозволете ми да изразам голема благодарност до НР Кина и до амбасадорката, Јин Лисјен за големата поддршка и за посветеноста при соработката на овој важен проект. Како што најави амбасадорката Лисјен кинеската страна го одобрува кредитот за продолжување на изградбата на автопатот Кичево – Охрид и од овде порачувам дека продолжуваме интензивно да работиме на комплетирање на неговата изградба.

Република Северна Македонија останува силно посветена на унапредување на економската соработка со НР Кина”, изјави Зоран Заев, претседател на Владата на Република Северна Македонија.

Премиерот потенцираше дека во следниот период, преку ЈП за државни патишта ќе бидат засадени 600 илјади садници долж автопатот.

„Овој автопат останува во посед на идните генерации. Патот ќе се плаќа од граѓаните на Северна Македонија. 10% како учество на Јавното претпријатие за државни патишта, а 90% од сите даночни плаќачи, со што ќе го враќаме кредитот којшто е поволен за вакви инфраструктурни проекти“, рече премиерот Заев.

Амбасадорката на НР Кина во Република Северна Македонија, Јин Лисјен, истакна дека успешното завршување на проектот се смета за пример на добрата соработка помеѓу Кина и Северна Македонија во насока на остварување на инфраструктурната соработка меѓу двете земји и помеѓу Кина и другите централно-источни земји.

„Денес, го одбележуваме успешното пуштање во употреба на автопатот Миладиновци – Штип и верувам дека со заедничките напори на двете земји, ќе продолжи да се реализира и проектот за изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Со цел да ја помогне реализацијата на овој проект, кинеската страна одлучи да го продолжи кредитирањето и одобри кредит со ниска каматна стапка, со што ќе помогне и овој автопат да може побрзо да се користи”, изјави амбасадорката на НР Кина во РСМ, Јин Лисјен.

 

 

The post Автопатот Миладиновци – Штип официјално пуштен во употреба appeared first on Скопје1.мк.

Close