Георгиески: Состојбата со дивоградбите е алармантна, ова не е ново – нов е пристапот кој го преземаме за справување со овој проблем

Градоначалнкот на Охрид, Константин Георгиески преку социјалната мрежа Фејсбук го образложи својот коментар во врска со дивоградбите во Охрид, за кои е често критикуван. Георгиески напиша:
„Речиси три децении Охрид е жртва на несоодветно и на несовесно владеење на сите нивоа.Од монета за поткусурување помеѓу политичките елити на централно ниво до жртва на лукративните интереси на локални политички и бизнис моќници. Резултатот е катастрофален на повеќе нивоа.

Состојбата со урабнизмот и дивоградбите е алармантна. Ова не е ништо ново. Нов е само пристапот кој што ние како нова администрација во општината го преземаме за справување со овој комплексен урбанистички, политички и општествен проблем. Пристапот за кој зборувам е системски и сеопфатени со вклучување на соодветните институции и сите останати засегнати страни.

Општина Охрид за првпат во историјата, и единствена во државата, во согласност со препораките на УНЕСКО направи Регистар на нелегални градби. Идентификувавме 1,076 предмети за кои е констатирано прекршување на законот за градење. Од нив, фрапантни 409 се лоцирани во заштитниот појас. Справувањето со овој комплексен проблем не може и нема да се случува на прес конференции и соопштенија туку преку неуморна и посветена работа. Општина Охрид како најзасегната и најзаинтересирана ја презеде водечката и координативна улога во овој долгорочен и макотрпен процес. Во него, секој, без исклучок, ќе сноси одговорност за постапувањето и непостапувањето независно дали се работи за сторители на прекршоци или институции кои не постапувале соодветно. На увид целосно и навремено ќе се достават на јавноста наодите и резултатите од преземените мерки.

Охрид е македонско и светско културно наследство. Со поддршка на Владата и во тесна соработка со УНЕСКО преземаме активности базирани на стратечки пристап и со реално остварливи цели. Денес заминувам во Баку на 43-тата Сесија на Комитетот за светското наследство каде ќе го презентирам планот и веќе преземените мерки за заштита и унапредување на статусот на Охрид како Светско културно наследство.

Напоменав и уште еднаш потенцирам дека ништо нема да се случи преку ноќ ниту пак ќе биде едноставен овој процес. Ги повикувам јавно, сите политички чинители, граѓанскиот сектор и медиумите активно да се вклучат во овој процес. Сите да си го одработиме тоа за што сме одговорни, затоа што во залог не е само Охрид туку и функционалноста на политичкиот систем во државата“, напиша на својот фејсбук профил градоначалникот на Охрид, Констнтин Георгиески.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close