Пендаровски во посета на Брисел

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска  престојува во во работна посета на Брисел. Ова ќе биде прва негова посета на Брисел, откако стапи на функцијата.

Шефот на државата ќе има одвоени билатерални средби со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и со заменик-претседателот на Европската комисија и висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.

За време на работната посета на Брисел ќе се обрати на трибина организирана од „Пријателите на Европа“, водечка тинк тенк организација која ги поврзува луѓето, ја стимулира дебатата и предизвикува промени за да создаде повеќе инклузивна, одржлива и прогресивна Европа.  Тој ќе говори на тема „Северна Македонија и нејзината потрага за евроатлантска интеграција“.

Тој очекува дека на средбите во Брисел ќе добие целосна потврда оти Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговори. Во интервјуто за Дојче веле, објавено вчера вели дека за време на средбите во Брисел, со високи претставници на ЕУ и НАТО ќе им укаже дека земјава ќе ги исполнила својот дел од обврските.

-Посетата носи симболична порака и е со прецизна агенда и намера да им укажеме на сите со кои ќе имаме средби, особено на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, дека Република Северна Македонија го исполни во целост својот дел од обврските. Јасно да пренесеме како ние гледаме на севкупната констелација на политичко-безбедносните аспекти и предизвици кои постојат на Западниот Балкан. Овде, првенствено мислам на аргументот дека сме единствена земја во регионот во која опозицијата е во Парламентот, единствена во која функционираат сите институции, единствена која нема ниту едно отворено прашање со соседите, нагласува тој во интервјуто за Дојче веле.

Додава дека не треба да се заборави и дека во регионот сè уште постојат одредени политички структури и поединци кои заговараат концепти за решавање на преостанатите проблеми, кои се не само анахронизам во 21-от век, туку претставуваат и потенцијална опасност за регионалната стабилност и безбедност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close