Посетител на музеј отворил сеф заклучен со децении

Турист во музеј во Канада успеал да ја погоди комбинацијата на сеф кој потекнува од втората половина на 1970-те години, но никој претходно не можел да го отвори.

Стефан Милс ги изненадил вработените во музејот кога успеал да го отклучи сефот, погодувајќи ја на среќа комбинацијата која со децении ги мачела експертите и вработените во музејот.

Како што наведе „Би-би-си“, Милс забележал дека броевите се движат од 0 до 60, па одлучил да проба 20-40-60. Во сефот немало никакво богатство, туку стар налог за плаќање и блок за запишување на нарачки од 1970-те години. Во него била впишана сметката за бургер од печурки кој чинел нешто помалку од едно евро и кутија канадски цигари.

Во музејот во провинцијата Алберта претходно вработените и посетителите се обидувале да го отклучат стариот сеф, но обидите завршувале безуспешно. Побарана била и помош од експерти и лица кои порано работеле во хотелот.

Музејот содржи колекција од стари предмети од историјата на Вермилион, град кој брои нешто повеќе од 4.000 жители, а еден од експонантите бил сефот со потекло од хотелот Брансвик, кој во овој град бил отворен во 1906 година.

Се верува дека сефот бил купен во 1907 година, а на музејот му бил подарен на почетокот на 90-те, кога хотелот го променил сопствеништвото и бил реновиран.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close